Стереолаб радио е нов електронски медиум за промоција на современата култура, како двигател на нови идеи и квалитетен јавен простор за различни генерации граѓани.
Во согласност со мисијата на Лабораториум, мултифункционалниот културен центар во чии рамки функционира - да негува средина во која уметниците и креативците слободно се изразуваат и разменуваат идеи, со верба во трансформативната моќ на колективната експресија.
Стереолаб се фокусира на поттикнување јавна дебата на разновидни теми од глобално и локално значење, промоција на домашната квалитетна авторска музичка продукција и сцена, како и запознавање на публиката со нови музички тенденции од целиот свет и реафирмација на квалитетна музика од минатото.
РАЗУМЕН ГРАД e дневна информативна програма, која низ музика ќе промовира информации посветени на актуелните културни настани во градот и земјава. Отворената програма ќе се емитува секој работен ден од 10 до 14 часот и ќе вклучува гостувања на граѓани, кои креираат и промовираат култура во различни јавни сфери.
Во рамки на Отворената програма Разумен град, секој вторник ќе се емитува емисија на албански јазик "QYTET I ZGJUAR" на Бети Пољоска, а секоја среда емисијата ,,ЕВТИНА СТРУЈА’’ на Марија Каева.
Емисијата се фокусира на два значајни аспекти на слушањето на најсовремените музики, сериозноста на уживањето и несериозноста на сѐ останато, споени во еден филозофски концепт наречен Serious Fun. Преку поврзување на точки од минатото и сегашноста ќе се обиде да направи паралели, мостови и лостови кои музиките ги издигнуваат на ниво на вредносни и суштински стандарди, кои предизвикуваат потреба за споделување и заедничко растење. Дополнително преку преслушување албуми, миксови и звучни пејсажи, ќе ја потенцира потребата за подизгубување и нурнување во паралелни димензии, каде фокусот, разбирањето, чувствувањето и спојувањето се основата.
Радио Љубов [Radio Love] е сѐ што за мене значи музика. Чувство на радост и возбуда од кои ти вибрираат умот и телото, а целото ништовно одеднаш станува безначајно. Хоризонт на нови идеи. Танцување. Радио Љубов [Radio Love] нема музичка преференца, стил, период… само добра музика. Понекогаш и разговор со драги луѓе. Или со зборовите на Bernard Sumner: “Nothing in this world Can touch the music that I heard When I woke up this morning” [New Order-Dream Attack], или на Мирко Попов: “Нови бранови невидливи Музика ќе те ослободи” [ПМГ Колектив-Музика].
Емисија за деконструкција на добра и лоша музичка култура, за промоција на шашардисани звуци од сите провиниенции, за презентација на монолитни и габаритни музички талози, за афирмација на потценети бунтовници...Фокусирана на: презентација на авангардна (пред се) домашна и странска музика; промоција на минатото и идното издаваштво на Аксиома (со гости музичари кои свиреле и ќе свират на изданијата); демистификација на афирмирани, а лоши песни и бендови, и нудење алтернативни добри песни како контрапункт на нивниот лош стил, жанр и влијание.
Mуабети за книги, музика и сѐ помеѓу. Емисијата е замислена да биде најчесто разговор со еден или двајца гости во студио, на одредена тема, за одреден автор или книга, најава на нова книга на автор, и сл. Помеѓу разговорот би одела музика по избор на соговорниците, музика врзана со темата на разговор, а понекогаш и авторска музика од гостинот.
Емисија за одржливост, животна околина, инклузивност, борба против монокултура. Овие радио емисии без ефект на стаклена градина треба да послужат како информативен материјал за градење на заедничка свест за времето во кое живееме и околината во којашто се наоѓаме и делуваме, и ќе изобилува со теми кои се однесуваат на животната средина поради нејзината централна улога во добата на климатските промени кои значително го менуваат квалитетот на животот, не само во густо населените места како градовите, туку и целокупниот пејсаж на планетата Земја. ,,Евтина струја” ќе обработува важни теми и ќе понуди научни факти во популарен формат. Овие четири часа ќе изобилуваат и со радиофоничен музички избор од различни декади но, секако ќе слушаме и музика со понов рок. Во ,,Евтина струја” ќе свири и многу музика создадена на ова поднебје.
Длабоко нурнување во пулсот на скопската младина – музика, култура и звуците што НЕ го обликуваат градот. Од андерграунд техно до безвременски класици, ги истражуваме ритмите што НЕ ја движат генерацијата.
Двочасовно патување низ најдобрите италијански музички остварувања од минатиот век, проследено со неврзан разговор со гостите во студио и сеќавања кои ќе нѐ прошетаат низ културата, уметноста, природните убавини, традицијата и современите трендови и достигнувања во областа на кинематографијата, литературата, дизајнот, гастрономијата и сѐ она што сѐ уште не го знаете за земјата која со гордост го носи прекарот Belpaese. Емисија посветена на вљубениците во италијанскиот начин на живот, но и за сите оние кои сакаат да бидат во тек со случувањата, настаните и гостувањата на артисти и други професионални фигури од Италија во рамките на богатата програма координирана од Амбасадата на Италија во Скопје.
Двочасовна радио емисија каде музиката раскажува приказна од минатото до иднината. Преку комбинација на новитети од светот на музиката, информативни сегменти и курирани диџејски сетови, слушателите ќе тргнат на звучно патување кое ја прикажува различноста и иновативноста во пејзажот на електронската музика. Ова патување низ поджанрови, историја и диџеј сетови нема да ве остави рамнодушни.
Радио емисија за љубов во време на прекаријат, работничка мудрост, геј култура и добра музика. Возбудлив пат за кој не зборуваме, а со тивко задоволство го изодуваме.
Позади дискорафската куќа СКОПСКА СЕКТА стојат Теа Шалдева, Љубомир Ангелов и Огнен Златанов, кои се уредници на емисијата која ќе се емитува 2 пати месечно. Еднаш во месецот, како дел од програмата, во живо ќе свири локален артист или бенд.
Двочасовна когнитивна аудио екскурзија низ колективното несвесно. Музичко мапирање на внатрешните процеси низ кои проаѓаме со помош на современото експериментално музичко творештво.
Редовен петочен блок, кој ќе ве воведе во викендот со најдоброто од македонската алтернативна култура. Преглед на музичките настани на неделата, интервјуа, разговори, и многу музика - првенствено од богатата ризница на домашната споредна струја
Музичко - едукативна емисија реализирана низ дијалог и многу музика. Првите епизоди ќе бидат посветени на почетоците на одредени артисти, разни информации и приказни за нивните кариери, со цел да го прикажеме процесот на нивниот развој. Слушателите незапознаени со музичката индустрија ќе имаат прилика да следат едукативно, забавно и искрено радио шоу.
Свето тројство е пред се музичко-говорна, но и социо- културна радио емисија. Во секое свое издание таа би вклучувала интересни гости од најразлична провиниенција (писатели, музичари, режисери, актери, дџ-и, активисти и др. ) со кои централна тема на разговор би биле трите музички целини ( примарно три музички албуми, но понекогаш и три бенда, три хита, три музички миксови или три e.p. плочи, три синфонии, филмски музики и сл.) кои најмногу го одбележале односно смениле на позитивно нивниот живот, направиле најголеми промени т.е најмногу влијаеле врз нивниот развој како личности. Оттаму и насловот на емисијата Свето тројство. Со гостите исто така би се разговарало и околу нивните минати и идни ангажмани и околу нивните ставови на најразлични актуелни и класични теми како политика, екологија, култура, политика, уметности, спорт, религија, семејство и друго.